МВР за инцидентот во Чаир: ВМРО-ДПМНЕ пласира дезинформации; Стоилковски: Сакаат да сокријат пукање врз полиција

од Vladimir Zorba
382 прегледи

Во врска со прашање на „Локално“ за пукањето во Општина Чаир, за кое опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во последниов период ги повикува МВР и министерот Спасовски да дадат одговор, од Министерството ги нарекуваат „дезинформации“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„На 23.05.2022 околу 19.45 часот полициски службеник од ЕВР Чаир во близина на угостителски објект на ул. „М.К. бригада“ во Скопје запрел возило „митцубиши“ кое имало вклучено т.н. флешери. Возачот почнал агресивно да се однесува, а за кратко време на местото на настанот пристигнал и М.Љ. со уште неколку лица, при што физички го нападнал полицискиот службеник. На местото на настанот пристигнале и други полициски службеници. М.Љ. испукал од пиштол во воздух, но бил совладан од полициските службеници и пиштолот му бил одземен, а од пукањето нема повредени лица. Потоа дошле и други лица, меѓу кои и полициски службеници, по што М.Љ. се дал во бегство.

За М.Љ. бил распишан централен распис, но тој на 24.05. сам се пријавил во полициска станица и за него е изречена мерка 30-дневен притвор, која лицето веќе ја издржува. Обезбеден е пиштолот и видео снимки од настанот, известен е Јавен обвинител, а Единицата за насилен криминал веќе поднесе кривична пријава против М.Љ. по член 383 и по член 396 од Кривичниот законик, како и известување до ОЈО со целокупниот материјал од истрагата.

Во расчистување на случајот од првиот момент е вклучен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, велат од МВР за „Локално“.

– Осудено лице за кое што е испратен документ за приведување заради затворска казна пука врз полиција и е ослободено заради интеревенција на заменик директор на БЈБ, вели Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ и додаде: „Се обидуваат да сокријат пукање врз полиција. Колку жртви треба да паднат само и само за голата власт на коалицијата? Премногу е, избори и одговорност“.

Б.М.

Слични содржини