МВР: Зголемена ефикасност на полицијата од септември 2020 година

214 прегледи

Раководството на Министерството за внатрешни работи, предводено од министерот Оливер Спасовски денеска имаше работен состанок со началниците на секторите за внатрешни работи и регионалните центри за гранични работи, на кој се анализираа постигнатите резултати во работењето на полицијата во изминатата 2020 година и почетокот на 2021 година. Анализите покажуваат дека е зголемена ефикасноста на полицијата во периодот од септември 2020 година.

Во периодот септември- декември 2020 година, Бирото за јавна безбедност посветено работеше во доменот на криминалистичките истражувања. Во оваа насока извршено е интензивирање и координирање на оперативната активност, зголемена е ефикасноста на криминалистичките истражувања, а исто така зајакнати се и акциските контроли заради унапредување на безбедноста во сообраќајот

Во средината на септември воспоставена е оперативна акција со цел преземање плански, интензивни активности за сузбивање на недозволената трговија со дрога на целото подрачје на државата. Како резултат на стратешкиот пристап и посветеноста за сузбивање на недозволената трговија со дрога, во последните три месеци од годината постигнати се значајни резултати во откривачката функција на полицијата.

Во рамки на криминалистичко истражување, интензивните активности во борбата против недозволената трговија со дрога, резултираа со заплена на над 711 килограми разновидна наркотична дрога и 4.532 таблети синтетичка дрога. Значително зголемување е евидентирано кај запленетите количини на хашиш, амфетамин, таблети екстази и стебла марихуана.

Резултатите во откривачката функција на полицијата, особено се гледаат во спречувањето на меѓународните транспорти, како и реализацијата на поединечни случаи каде се запленети поголема количина на дроги.

Состојбата со илегалната миграција придонесе на почетокот на септември да се воспостави нов начин на организација на безбедносните служби и поинаков начин на постапување при преземање на потребните мерки и интензивирање на активностите за спречување на илегалната миграција. Токму овие мерки во рамки на оперативната акција влијаеја на сузбивање на обидите на мигрантите да транзитираат низ нашата држава.

Остварени се значителни резултати и во врска со кривични дела од областа на тероризмот, насилен екстремизам и радикализам. Во рамките на оваа област поднесени се вкупно седум кривични пријави против 22 сторители за сторени десет кривични дела и тоа: четири дела „терористичка организација“, три дела „учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“, две дела „тероризам“ и едно дело „помагање“. Како резултат на интензивните мерки и активности сузбиена е 11 члена терористичка група. По извршени претреси кај лицата и на друга локација пронајдени се повеќе предмети, знамиња со обележја на ИСИС, оружје и муниција, експлозивни средства и материјали за изработување на импровизирани екплозивни направи

Во септември воспоставена е и оперативна акција, заради детектирање и лишување од слобода на лица за кои се распишани централни и меѓународни потерници за сериозни кривични дела. Интензивирањето на активностите во овој дел резултираа со лишување од слобода на 234 лица, кои биле предмет на распишана централна или меѓународна потерница за сериозни кривични дела. Од вкупниот број на случаите, 34 лице биле лишени во странство, додека останатите 200 лица се лишени на наша територија.

Во насока на подобрување на безбедноста на сообраќајот континуирано се преземаа зајакнати мерки, со цел санкционирање на недисциплинираното однесување на учесниците во сообраќајот. Како резултат на преземените мерки, намален е бројот на сообраќајни незгоди со тешки последици и жртви во сообраќајни незгоди во 2020 година,која е година со најмал број на жртви во историјата- 125.

Постигнати се добри резултати и во останатите области од полициското работење кои беа презентирани на состанокот. Беа анализирани и состојбите каде може да се остварат подобри резултати и беа дадени конкретни насоки за подобрување на тие делови.

Слични содржини