Има најави дека Банката на Советот на Европа, која беше финансиер на изградбата на новата Клиничка болница во Штип дека ќе се повлече, велат од Министерството за здравство по обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Со оглед на тоа што има каснење на изведбата како резултат на судски процес и блокада помеѓу изведувачот и првичниот подизведувач, Банката на Советот на Европа најави повлекување на финансирањето. Во договор со Министерството за финансии изградбата ќе продолжи со друг финансиски извор, на што Министерството за финансии веќе работи, веднаш откако ќе се одглави процесот помеѓу изведувачот и првичниот подизведувач, односно ќе заврши спорот помеѓу овие две страни, стои во одговорот од Министерството за здравство.
Ова следи откако вчера лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција покажа документ од банката, во кој како што прочита, се вели дека поради спората динамика на изградба на објектот, преостанатите 13,43 милиони евра ќе бидат запрени.
Болницата се гради од 2016 година, а досега чини 30 милиони евра. Досега се искористени 55 отсто од кредитот кој е одборен од Банката на Советот на Европа, а останатите 45 проценти за доизградба ќе се бараат од други финансиски извори.