МЗ: Лага е дека Клексанот не е на позитивната листа лекови

од Vladimir Zorba

Од Министерството за здравство денеска најостро ги демантираат наводите на пратеникот на опозициската партија Антонио Милошоски објавени на социјалните мрежи дека лекот Клексан не е на позитивната листа на лекови.

– Жалиме што народниот избраник наместо одговорност кон своите избирачи, поддржувачи и воопшто граѓаните на Република Северна Македонија избрал да манипулира со нив. Клексанот е болнички лек. Лага е дека лекот Клексан не е на позитивна листа лекови. Истиот се дава исклучиво под надзор на медицинско лице, во присуство на лекар или медицинска сестра. Лекот Клексан може да се купи и од аптека со рецепта препишана само од специјалист, а потоа парите ФЗО РСМ ги рефундира, посочија од МЗ во денешниот демант.

Од Министерството подвлекуваат дека поради ковид пандемијата, зголемена е потрошувачката на Клексан насекаде во светот, така и кај нас и тоа за три пати повеќе од вообичаеното користење на оваа антикоагулантска терапија.

– Од таа причина со месеци наназад, компанијата која врши увоз на лекот резервираше поголеми количини и тие се дистрибурани до сите болнички установи. Во меѓувреме, онаму каде што требаше, се даваше друга форма на хепарин. Криза во смисла на недостаток на Клексан нема, туку зголемена потрошувачка. Освен Клексан постои и друга антикоагулантна терапија која е на позитивната болничка листа лекови и за истата ФЗО РСМ парите ги рефундира, нагласија од МЗ.

Во демантот од Министерството се наведува дека Клексан и Ксарелто се два различни лека, иако Милошоски од за него само познати причини, стои, ги пишува како еден лек.

– Што се однесува до набавката на вакцините, пратеникот Милошоски знае дека со оглед на глобалната побарувачка на вакцини против корона вирусот, сите земји во светот се соочуваат со недоволни количини вакцини за вакцинација на целата популација. Но, свесно лаже и обвинува. Милошоски како поранешен министер за надоврешни работи и актуелен претседател на собраниската комисија за надворешна политика многу добро ги знае приликите и водењето преговори со земјите од ЕУ. Милошоски знае и е свесен дека единствена причина поради која нашата земја не доби помош од европските држави кои ветија вакцини за нас од дозите кои ќе ги набават за сопствените земји е поради недоволната испорака на вакцини и кај нив. Сепак и покрај овие факти пратеникот одлучи да шири лаги по социјалните мрежи и да ги доведува во заблуда граѓаните на штета на нивното здравје и правејќи штета на целокупниот здравствен систем, потенцираа од Министерството за здравство.

Слични содржини