Mинистерството за здравство категорично ја демантира информацијата објавена во вестите на телевизија 24, каде новинарката на оваа телевизија во линковско вклучување, денеска пласираше вест која е челосно неточна, односно дека на Инфективна клиника најголем број од хоспитализираните пациенти биле со примени две дози вакцина. Новинарката оваа невистинита информација ја потенцираше како „важна“ што предизвика серија реакции во јавноста. Жалиме што оваа информација денеска не беше проверена во Министерството за здравство, ниту пак во КИБФС. Министерството за здравство тврди дека на Инфективната клиника во моментов се хоспитализирани 94 пациенти и само околу 10 % се вакцинирани со две дози вакцини и истите се со полесна клиничка слика.
Министерството за здравство стои на располагање на сите медиуми секој ден во тек на 24 часа и апелира сите информации да ги проверуваат и да ја информираат јавноста вистинито и точно. Министерството за здравство бара телевизија 24 да се извини и да ја повлече информацијата што денеска беше пласирана во вестите во 17 часот.
Апелираме дека ваквите невистинити информации ја доведуваат јавноста во заблуда и создаваат уште поголем страв и паника кај граѓаните кои се уште имаат недоумица за вакцините. Процесот на имунизација е многу важен, а медиумите се наш сојузник во борба со ковид пандемијата. Ја поддржуваме слободната мисла, критичкото и истражувачко новинарство но истото очекувано е да се темели на релевантни податоци и точни информации, бидејќи граѓаните тоа го заслужуваат.