Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 434.450 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 5.626 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 9.393 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 686.788 дози вакцини, а ревакцинирани се 252.338 граѓани.
Со последните бројки 57% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 54% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 49% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Голем е интересот за вакцинација без закажан термин. Со прва доза и без закажан термин се вакцинираат возрасни лица што сакаат да се вакцинираат, во пунктовите во Здравствените домови низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје.
Министерството за здравство апелира до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.