Најголемите лаги на Мицкоски се искажани во 2022 година, затоа никој не му верува. Цела 2022 година Христијан Мицкоски шири лаги во јавноста, изнесува манипулации и конструкции затоа никој не му верува, обвинија утрово од СДСМ.
Според владеачката партија, меѓу најголемите лаги на Мицкоски е дека ВМРО-ДПМНЕ не била во коалиција со Данела Арсовска.
-Факт е дека таа беше нивен кандидат за градоначалник, дека токму Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ бараа поддршка од граѓаните за Арсовска, факт е дека таа победата ја славеше во Белиот дворец. Коалицијата Мицкоски – Арсовска – Левица и натаму функционира. Кавгите меѓу Арсовска и Мицкоски биле само заради тендери.
Во својство на шпицен градоначалник, Мицкоски најавуваше набавка на 100 електрични автобуси за јавен превоз во Скопје и отворање на фабрика за производство на електрични автобуси, која ќе вработи минимум 500 луѓе.
Не само што нема 100 нови електрични автобуси, туку и тие што ги има веќе не возат, ја нема ниту фабриката за автобуси, порачаа од владеачката партија.
СДСМ се задржува и на прифаќањето на европскиот предлог-преговарачка рамка на Македонија со ЕУ.
-Мицкоски го лажеше народот дека со прифаќањето на европскиот предлог, ќе следи асимилација и бугаризација. Лажеше дека македонскиот јазик ќе бил прогласен за бугарски дијалект, дека нема да започнеме преговори со ЕУ. Преговорите започнаа и тоа со заштитен идентитет и јазик, соопштија од „Бихаќка“.