Првиот вицепремиер и министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби на денешната средба со амбасадорот на Република Албанија Фатос Река, разговара за важниот политички моментум во кој се наоѓаат Република Северна Македонија и Албанија по постигнатиот напредок со отворањето на преговорите за интеграција во Европската Унија, потребата од ефикасен пристап кон скрининг процесот и продлабочувањето на соработка во однос на следните чекори, за што на 14 ноември е закажана заедничката владина седница, информира по средбата од кабинетот на Груби.
– На амбасадорот Река му ја изразив одлучноста на Владата за реализација на проектите за поефикасно поврзување меѓу нашите земји и го информирав за процедуралниот напредок кон реализацијата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8, како и заедничкиот граничен премин One Stop Shop. Со Албанија делиме исти ставови за непроменливоста на прозападната ориентација, но и за целосно легитимните барања на премиерот Еди Рама во Генералното собрание на Советот на Европа за преразгледување на Резолуцијата 1782 и нејзините неосновани барања во врска со војната во Косово, истакна Груби по средбата.