Бугарската новинска агенција БГНЕС денес објави текст во кој пишуваат дека градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, повторно предизвикал остри реакции во општеството по одлуката за преименување на улиците во градот.
Според нив, имињата на најпознатите водачи на националното ослободително движење, вклучително и учесници во солунските напади, се избришани од градот.
„Веќе нема да има улица во Скопје именувана по Борис Сарафов, кој заедно со Даме Груев и Анастас Лозанчев го предводеа штабот на Илинденското востание во 1903 година. Од градот ќе биде избришано и името на Павел Шатев, еден од солунските атентатори, кој по 1945 година бил испратен во егзил од режимот на југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито, а неговото тело било фрлено во дворот на црквата во градот Битола“, пишува БГНЕС.
На агенцијата ѝ пречи тоа што Шилегов го вратил името на улицата по водачот на болшевичката револуција во Русија во 1917 година, Владимир Илич Ленин.
„Шилегов исто така ја избриша улицата на еден од основачите на ИМРО Христо Батанџиев и на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски во 2004 година во авионска несреќа. И денес македонската престолнина е единствениот град во Европа каде се среќаваат улици и булевари со имиња на комунистички лидери, вклучувајќи го и диктаторот Тито. Не постои ниту една улица во градот именувана по барем една од десетиците илјади прогонувани и убиени од 1945 година. Со имињата на комунистичките водачи, има многу фабрики, училишта, па дури и културни центри“, стои во текстот на агенцијата.