На актерката Милица Стојанова ќе и биде врачена наградата „Петре Прличко“

од desk3
132 прегледи

На сцената на новиот театар во Велес вечерва на актерката Милица Стојанова ќе и биде врачена наградата за животно дело „Петре Прличко“ што по десетти пат ја доделува Општина Велес.

20130617-deca-na-sonceto7

Наградата се состои од 30 илјади денари и плакета со ликот на Петре Прличко.

Во чест на наградената актерка, ансамблот на велешкиот Народен театар ќе ја изведе претставата „Спанаќ со пржени компири“ во режија на Ненад Витанов.

Според драматургот Сашо Димоски, кој беше еден од членовите на жири комисијата, Милица Стојанова е жив дел од колективната меморија на македонскиот театар.

– Таа е јадро, учител, прекрасен соработник, реткост најдена во друга реткост. Таа е една од најголемите привилегии кои се случиле во македонскиот театар, жив музеј од сеќавања кои подеднакво го познаваат минатото и сегашноста и ја поседуваат моќта да ја предвидат иднината, вели Димоски.

Тој додава дека нејзината уметничка величина и актерско мајсторство не можат да се сведат на набројување на ролјите кои ги толкувала, ниту на импресивноста која го одзема здивот кога ја гледаат на сцената, ниту само на соработката која ја дава во процесот на создавањето театар.

Милица Стојанова е десетти добитник на наградата „Петре Прличко“, а прва жена актер која ја добива оваа висока награда. Досегашни добитници се актерите: Благоја Спиркоски-Џумерко, Емил Рубен, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски, Петар Темелковски, Драган Спасов Дац и Александар Ѓорѓиев./ МИА