Вршителот на должноста министер за надворешни работи на Бугарија, Никола Милков го прокоментирал најавеното отворање на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.
-Добро е реакциите да бидат примерни, добро е да се биде ладнокрвен, да се размислува пред да се зборува и да се решаваат работите прагматично во што го обезбедува нашиот договор за добрососедство, изјавил Милков пред бугарските медиуми.
Според Милков, „ако името Цар Борис Трети е проблем, името на гимназијата во Скопје што го носи името на Јосип Броз Тито е многу поголем“.
На седми октомври во Охрид ќе се отвори новиот бугарски културен клуб во Македонија, наречен „Цар Борис Трети“. Отворањето е четири дена пред Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор во Македонија и државниот празник 11-ти Октомври.
Цар Борис бил соработник на Хитлер во Втората светска војна. На 21 јануари 1941 година го потпишува антиеврејскиот Закон за заштита на нацијата, ја презема паролата на нацистичка Германија „Eден цар, еден народ, една држава“ и е докажан заговорник за спроведување на т.н. „конечно решение на еврејското прашање“.
Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија веќе ја осудија регистрацијата на здружението од Охрид.