Стојанов стравува дека ќе згасне и бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“

од Nikola Popovski

Иднината на бугарските клубови и друштва во Северна Македонија е загрозена. За неколку дена можно е да биде затворен и бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, бидејќи „таква е политиката на Северна Македонија против Бугарија“. Ваков став за „Радио Благоевград“ изразил контроверзниот Виктор Стојанов кој е претседател на бугарската фондација „Македонија“.

„Ваквото однесување на Скопје е практично непријателско. Тие сакаат да ги затворат сите бугарски клубови и активни друштва кои развиваат културни и образовни активности и ги зближуваат Бугарите и Македонците. Ова е нивната крајна цел. За неколку денови очекуваме да биде затворен и избришан од нивниот Централен регистар и клубот „Цар Борис Трети“, објаснил Стојанов.

Според него, „македонските власти го прават поради претстојната изборна кампања“ бидејќи редовните избори се очекува да се одржат во периодот мај – јуни следната година.

„Допрва ќе видиме повеќе антибугарски акции, бидејќи на овој начин Владата се надева дека ќе се ревитализира и ќе ги врати загубените позиции што ги доби од тоа што беше на власт и од неоснованите обвинувања дека е „бугарска“ влада. Затоа ги затвораат бугарските културни друштва. За овие постапки, Северна Македонија ќе биде осудена пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Бугарскиот клуб „Иван Михаијлов“ веќе има преземено правни дејствија во Скопје, а кога ќе ги исцрпи ќе постапи и во Европскиот суд во Стразбур“, навел Стојанов.

Пред пет дена клубот „Иван Михајлов“ беше и официјално избришан од Централниот регистар и повеќе не постои. Оваа одлука доаѓа откако министерот за правда Кренар Лога минатата недела го одби како неосновано барањето на бугарското здружение во Битола за употреба на името Иван Михајлов во називот за својот културен клуб.

Стојанов има забрана за влез во Македонија до 31 јули оваа година.

Слични содржини