Контроверзниот Виктор Стојанов, бугарски државјанин и претседател на фондацијата „Македонија“ смета дека промените во политичката ситуација во Унгарија нема да доведат до значајна промена во ставот на Македонија кон Бугарија и Бугарите. Тој во изјава за бугарска „Нова“ истакнал дека очекува новата администрација во Будимпешта по победата на Петер Маѓар да се однесува како европска земја и лојален партнер во ЕУ, вклучително и преку развој на стратешки проекти како што е Коридорот број 10.
„Во исто време, земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја Северна Македонија и Србија, ни покажуваат вистинска подготвеност за реформи и европска интеграција“, рекол Стојанов.
Тој оценува дека премиерот Христијан Мицкоски ќе „ги зајакне своите позиции и ќе бара популизам“, наместо да презема проевропски акции. Стојанов рекол дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе ја попречи европската интеграција и ќе ја одржи тензијата со соседните земји, вклучително и Бугарија.
Стојанов потенцирал дека интересите на Русија и Бугарија во регионот „се судираат на кое било ниво“, бидејќи Москва користи „историски апсурди“ и пропаганда за да ги зајакне своите позиции. Во исто време, според неговите зборови, Бугарите во Македонија остануваат жртви на притисок. Според Стојанов, недостатокот на активно граѓанско општество е клучен фактор во, како што обвинува отсуството на сериозно јавно незадоволство во земјава.
Неодамна Стојанов беше опфатен со кривична пријава за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, дело казниво по член 394-г од Кривичниот законик. Од Агенција за национална безбедност соопштија дека пријавата следува по претходно обезбедени информации за субверзивно-пропагандни активности насочени кон поттикнување етничка и национална омраза. Акцијата била спроведена во координација со Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија и Основно јавно обвинителство Скопје.
На насловната страница на фондацијата „Македонија“, нејзината мисија е опишана како настојување бугарското и македонското општество да станат „едно општество во две држави“, а меѓу кампањите се наведуваат брошури за бугарската историја, канцеларии за култура и просвета во Македонија, привлекување ученици и студенти во Бугарија и посредување за работа таму. Во 2024 и 2025 година Стојанов и фондацијата излегоа и со поотворено политички барања, вклучително и замрзнување на европските претпристапни фондови за Скопје, а потоа и предлог за економски санкции кон државното раководство во Македонија.