
1632.- Во Амстердам е роден Барух Спиноза, холандски филозоф, материјалист, од еврејско потекло. Во познатото дело „Етика“ строго рационалистички го изложува своето учење според кое Бог и природата се идентични, а светот бесконечен. Познати му се и делата „Теолошко-политички трактат“ и „Политички трактат“. Умрел во Хаг, на 21 февруари 1677 година.
1642.- Холандскиот морепловец Абел Јансон Тасман го открил островот Ван Дименова Земја, кој се наоѓа јужно од Австралија. Островот подоцна во негова чест бил наречен Тасманија.
1729.- Роден е рускиот генералисимус Александар Васиљевич Суворов, еден од најголемите војсководци на 18. век, под чија команда руските трупи извојуваа 57 победи. Во Руско-турската војна од 1787 до 1791 година имал блескави победи над Турците, а потоа во борбите на Русија против Франција особено се прославил со освојувањето на северна Италија и преминот преку Алпите на враќање за Русија, со што ги вчудовидел воените кругови во Европа. Низ воената наука ги проучувал математиката, географијата и историјата. Многу придонесол во издигнувањето и воспитувањето на руските војници. Кон крајот на 1779 година бил наименуван за врховен царски заповедник. Во Советскиот Сојуз се доделувал орденот „Суваров“ за високи војнички заслуги.
1859.- Објавена е епохалната книга на англискиот природонаучник Чарлс Дарвин „Потеклото на видовите“ во која е изложена теоријата на еволуцијата.
1861.- Роден е германскиот лекар Аугуст Карл Густав Бир, пионер на модерната хирургија. Неговиот пронајдок „лумбална анестезија“ прво го испробал на себе.
1864.- Роден е Анри Тулуз-Лотрек, француски сликар и графичар, голем мајстор на литографијата. Се ограничил речиси исклучително на сцени од ноќниот живот на Монмартр во Париз. Ликовите се насликани без ни малку сентименталност, сугестивни, но без иронија и со остра карактеризација на ликовите. Неговите дела имаат висока уметничка вредност и претставуваат незаменлив општествен документ. Умрел на 9 септември 1901 година.
1929.- Умрел францускиот државник Жорж Бенжамен Клемансо, истакнат француски политичар, премиер од 1906 до 1909 и од 1917 до 1920 година. Бил министер за војни во критичните денови во Првата светска војна.
1944.- Во ослободеното Скопје, само десетина дена откако стивнале последните улични борби, основан бил првиот симфониски оркестар на денешната Македонска филхармонија. Имено во домот на Тодор Скаловски група музички вљубеници, од кои некои се уште биле во партизански униформи, го формирале симфонискиот оркестар. На таа средба присуствувале Васил Ѓаконов-Шпато, Тодор Календаров, Петар Трајков, Стефан Кралев, Александар Шалев, Фрањо Млчок, Херман Зип, Петар Симоновиќ и Душан Парлиќ.
1963.- Два дена по атентатот во Далас врз претседателот на САД Џон Кенеди, мафијашот Џек Руби го усмртил пред полициска станица осомничениот атентатор Лиј Харви Освалд. Атентатот во Далас останал мистериозен.
1974.- Претседателите на САД и на Советскиот Сојуз, Џералд Форд и Леонид Брежњев, во Вашингтон постигнале привремен договор за ограничување на офанзивното стратешко нуклеарно оружје.
1976.- Во земјотресот кој го разрурнал градот Муради во источна Турција загинале околу 5.300 луѓе.
1986.- Завршил последниот дел на електрификацијата на пругата Скопје – Гевгелија со должина на електричната мрежа од 220 км. Електрификацијата почнала на 5 јануари 1981 година.
1989.- Во Скопје умрел Александар Думов, доајен на Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица и еден од основоположниците на театарската култура во Македонија. Како актер и режисер работел и во театрите во Велес, Битола и во Штип. Роден бил во Струмица, на 25 февруари 1923 година.
1992.- Во Скопје, во издание на „Интернационал“, излегол првиот број на независниот економски неделен весник во Република Македонија „Бизнис“. Првиот (пилот) број излегол на 5 ноември 1992 година.
1994.- Во Скопје била отворена Амбасадата на Руската Федерација.
1995.- Во Ирска гласачите со тесно мнозинство и покрај жестоката пропаганда на римокатоличката црква, на референдум изгласале укинување на забраната за развод, која била на сила 70 години.
2000.- Во Загреб, Република Македонија ја парафирала Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Република Македонија се земјите од Европската унија.
2000.- Во Скопје, на седницата на Извршната канцеларија на Демократска алтернатива, била донесена одлука оваа партија да ја напушти власта и „Коалицијата за промени“.
2001.- Градот Кундуз, последното талибанско упориште во северен Авганистан, по 12 дена опсада паднал во рацете на силите на Северната алијанса. Градот го бранеле околу 5.000 талибанци и околу илјада странски платеници.
2003.- Во пожар во студенски дом на Универзитетот „Патрис Ламумба“ во Москва, на кој студирале главно странци, загинале 42 лица, повеќето студенти од Кина, Бандгладеш, Виетнам и неколку африкански земји.
2004.- Умрел британскиот книжевник Артур Хејли чии романи се преведени на 38 јазици и објавени во 40 земји. Дела: „Аеродром“, „Преоптовареност“, „Детектив“.