На денот на независноста ОМД повикува на единство

од Vladimir Zorba
85 прегледи

 

Обединетата македонска дијаспора, денеска по повод 25-годишнината од македонската независност повика на единство во земјата.makedonija-zname-1
– Наша должност кон претходните генерации и кон тие што ги жртвуваа животите за независна Македонија и наша обврска кон идните генерации е да не отстапуваме од вековниот идеал. Имаме уште многу работа и борба пред себе. Да се грижиме и да се бориме за опстојување и просперитет. Македонскиот народ единствено сложен може успешно да се соочи со сите премрежја што му претстојат. Не смееме да си дозволиме поделба по верска и политичка основа, се вели во соопштението од ОМД.
Изминативе неколку години, сметаат од оттаму сериозно е нарушен вековниот идеал.
– Какви идни генерации создаваме, како ќе ги учиме нашите синови и ќерки да ги одржат тие идеали ако меѓусебно не се почитуваме и се мразиме? Што ќе научат нашите деца од нас ако се делиме на вакви и такви, како едните ќе ги сакаат другите?, се потенцира во соопштението од Обединетата македонска дијаспора.
Од ОМД повикуваат на единство и на постојана поддршка за иднината на Република Македонија, и, како што посочуваат, и на Македонците кои живеат во Грција, Бугарија, Албанија, Србија и Косово.
– Ова е празник на сите Македонци без оглед на нивната етничка и верска припадност или моментално место на живеење. Македонија и Македонците продолжуваат да бидат симбол на слобода на Балканот. ОМД со длабока почит и благодарност на овој ден се поклонува пред сите генерации од поблиското и подалечно минато, на сите дејци и борци кои ги дадоа животите за вековниот идеал за самостојна република, како и на сите борци кои ги жртвуваа животите бранејќи ја независна Македонија во овие 25 години постоење. И покрај сите националистички и асимилаторски политики на соседнитe држави, младата македонска држава има светла иднина пред себе. Република Македонија денес е докажан и признат меѓународен субјект, потенцираат од ОМД.
Да се огледаме, додаваат оттаму, на оние кои жртвувале толку многу за спокојна и просперитетна Македонија и следејќи го нивниот пример, обединети да ја продолжеме борбата.
– ОМД на овој светол ден и празник декларативно изјавува дека ќе продолжи неуморно да работи на меѓународниот углед на државата, за интересите и потребите на Македонците во светот и во матичната држава, притоа штитејќи го унитарниот македонски национален интерес од сите надворешни и внатрешни притисоци и негативни влијанија, истакнуваат оттаму.