На Џамбаски му пречи изјавата на Милановиќ: „Хрватска се меша во спорот со С. Македонија, Радев да ја брани бугарската позиција“

од Nikola Popovski

Сведоци сме на уште една антибугарска позиција, намерна провокација кон нашата земја за прашање за кое не треба да додаваме напнатост или да утврдуваме пристрасност. Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ја нападна Бугарија и даде недопустливи предлози за нашата земја. Г-дин Милановиќ ја обвини Софија за влегување во „интимниот простор“ на Република Северна Македонија. Тој е загрижен за нашето барање за промена на некои учебници по историја во северна Македонија и најави дека „отворено“ ќе се спротивстави на тоа“, објави бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.

Европратеникот вели дека и тој е „револтиран од фактот дека друга земја-членка на истата Унија, која е неиспровоцирана, влегува во напад на друга и зазема цврст став во спор во кој таа не е вклучена“.

„Претседателот на Хрватска наметнува крајно неодговорно дека Бугарија сака да ѝ наштети на Република Северна Македонија и да ја понижи. Уште еднаш морам да повторам дека не сакаме никому да диктираме ништо. Нашата долгогодишна битка е во учебниците што ги едуцираат новите генерации во С. Македонија. Во нив треба да се кажува вистината“, смета Џамбаски.

Од оваа причина, наведува тој, „ги сигнализирал институциите што ја спроведуваат бугарската надворешна политика, а тоа се претседателот на Република Бугарија и министерот за надворешни работи“.

„Апелирам, преку одговорните владини позиции што ги заземаат, да ја бранат бугарската позиција, нашиот национален интерес и да ги преземат потребните активности, барајќи објаснување за изјавите на хрватскиот претседател“, стои во објавата на Фејсбук на Џамбаски.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ја нападна Бугарија поради нејзините условувања за влез на С. Македонија во ЕУ и барањето за промена на учебниците по историја.

„Она што официјалната политика на еден член ѝ го прави на Северна Македонија е влез во нејзиниот интимен простор и бара од земја-аспирант да ја дефинира својата национална генеза во учебниците по историја како што тоа го прави соседна земја. Јас активно ќе се спротивставам на ова. Ако вашата цел е да го уништите послабиот од себе само затоа што тој е послаб, тоа никогаш не завршува добро“, изјавил Милановиќ, кој никогаш не ја спомнал Бугарија, но од контекстот е јасно дека станува збор за, пренесува хрватски „Телеграм“.

Слични содржини