На ГАК во новогодишната ноќ се родиле четири бебиња

од Vladimir Zorba
163 прегледи

Четири бебиња се родиле во тек на новогодишната ноќ на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје. Првото бебе е машко и се роди една минута по полноќ, по што на свет дошле уште едно машко и две женски бебиња. Министрите за здравство Беким Сали и за труд и социјална политика Јована Тренчевска изутрина го посетија првото бебе и му подарија златник, а на родителите им честитаа за првата рожба.

Директорката на ГАК Викторија Јовановска соопшти дека породувањето за првото бебе е направено со царски рез.

– Една минута после 12 се породи пацинетка и донесе на свет живо и здраво мако детенце, тешко 3.720 грама со 51 сантиметар. Мајката е првородка со повеќе ризици препратена тука од Кочани на клиника и е завршена со царски рез. После 12 часот се родија уште три бебиња и имаме две машки и две женски, изјави Јовановска.

Министерот за здравство Беким Сали се надева дека целата година, како што рече, ќе ни биде здрава. Се заблагодари и за ангажманот на здравствените работници кои дале се од себе во изминатиот период да профункционира здравствениот систем.

-Среќни сме што годината ја почнавме со убава приказна, здраво машко дете и се надевам дека така здраво ќе ни помине целата година. Сакам да се заблагодарам на сите граѓани, а секако и на сите здравствени работници кои изминатиот период дадоа се од себе да профункционира здравствениот систем и се надевам дека така ќе продолжиме, најпрвин чувајќи го личното здравје и давајќи придонес за здравјето на сите граѓани и оваа година да ја поминеме така, рече Сали.

Министерката Тренчевска во име Министерство за труд и социјална политика на првороденото бебе традиционално му подари златник и упати честитки за Новата година, со желба за здравје, среќа и љубов во секој дом.

-Како МТСП ја продолжуваме традицијата и на првото родено дете во Новата година му подаруваме златник. Така и оваа година, ни се роди здраво машко дете. Им честитаме на среќните родители на кои им е прва рожба. Им посакуваме многу здравје, живо и здраво да им е детето и само радости да им носи, изјави Тренчевска.

Таа порача дека во фокус на МТСП останува да биде детската заштита и овозможување на секое дете пристап до квалитетно предучилишно образование и воспитание.

-И во 2023 продолжуваме со изградба на нови градинки и проширување на капацитетите за да може секое дете во државата да има пристап до предучилишно образование имајќи во предвид дека вклучувањето во предучилишното образование навистина влијае многу во растот и развојот на секое дете, изјави Тренчевска.

Слични содржини