На Халкидики, Грција денеска се одржаа два протести на кои учесниците го изразија своето незадоволство поради тоа што кафе-баровите заземаат премногу простор на плажите.
Протестите се одржаа на плажите во Никита и Потидеа, а демонстрантите извикуваа слогани и го изразија своето противење баровите да зафаќаат простор на плажите, објави „Катимерини“.
Како што пренесува порталот „Voria.gr“, по повикот на онлајн групата „Граѓанско движење за слободни и достапни плажи на Халкидики“, граѓаните протестирале на плажата во Никита минувајќи низ еден од локалите.
„Нема повеќе самоволие, сега слушајте што вели Ситонија, секоја плажа ќе биде слободна“, е еден од паролите што ги извикувале учесниците на протестот.
На Родос во јуни започна таканареченото „движење пешкир“ преку мрежата „Амбрела“ формирана од граѓани кои сакаа да укажат на мноштвото незаконски активности на плажите на тој грчки остров.
Движењето потоа се прошири на Парос, а потоа и на другите острови и плажи во туристичките области.