„На избори и со Господ напред“: Каква ќе биде судбината на крстот на Попова Шапка?

од Nikola Popovski

Крстот во дворот на црквата „Св. Наум Охридски“ на Попова Шапка е повторно на центарот на вниманието, откако за в петок е најавен протест пред Општина Тетово. Протестот е против крстот, за кој вчера првиот човек на Општинскиот инспекторат во општината, Садат Сулејмани истакна дека има одлука за отстранување. -За крстот има одлука за уривање. Кога ќе се отстрани? Во Тетово има над 5.000 решенија за уривање. Гледате дека се трудиме да работиме. Кога ќе дојде време, ќе го направиме тоа, изјавил Сулејмани. Дел од јавноста вели дека не смее да се дозволи крстот да биде отстранет, а во негова одбрана предничи лидерот на Достоинство и директор на ЦУК, Стојанче Ангелов кој посочи дека „крстот нема да падне“ и дека сето ова се прави за добивање политички поени.

Кој ги подгрева и онака кревките меѓуетнички тензии во земјава?

Се добива впечаток дека речиси секогаш вакви случаи кои ги подгреваат меѓуетничките тензии, се случуваат во предизборието. Новинарот и познавач на состојбите, Дритон Зенку во разговор за „Локално“ вели дека за жалење е да се креират вакви политики со религиозни чувства, но нашите политичари не бираат средства за да стигнат до целта.

Дритон Зенку

-Самата најава за рушење на 5.000 дивоградби е предизборен политички маркетинг, а камоли вклучувањето на крстот во истата листа. Кога се појават вакви случаи, страните се обидуваат да се амнестираат, но факт е дека надлежностите во урбанистичкото планирање припаѓаат на локално ниво. Тоа што го прават политичките партии е да ја убедат јавноста дека другата страна е виновна, потенцира Зенку.

Новинарот е дециден дека уништувањето на крстот нема да се случи затоа што реално и не може да се случи.

-Поставувањето на крстот веќе е завршен чин. Може да следи постапка за дивоградба и да има одговорност, нo да се руши нема да се случи. Судбината на крстот ќе биде легализација и ништо друго. Случајот е политичка игра и како таква ќе заврши после избори, ни објаснува Зенку.

Објаснува дека СДСМ во последните години води умерена политика, но тоа не се случува во ВМРО-ДПМНЕ, за која вели дека е партијата што се уште си поигрува на национална и верска карта.

-Во вакви случаи албанските партии само одговараат и се прилагодуваат на речникот и политичкото делување на ВМРО-ДПМНЕ, оценува соговорникот.

Смета дека ваква слика во Македонија, би сакале да видат само деструктивни сили. Но политичката реалност, посочува тој, последниве години во Македонија не дозволува да се случи такво нешто.

-Македонија е во НАТО и на пат кон ЕУ. Деструктивните сили ја немаат таа моќ, да предизвикаат таков конфликт. Уривањето на крстот би било уривање на меѓуверските и меѓуетничките односи и тоа нема да се дозволи да се случи. Ваквите сценарија би биле пожелни за одредени сили. Пандорината кутија во овие моменти не може и не се осмелува да се отвори, заклучува Зенку.

Од друга страна, предводникот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во општина Тетово, Ангел Карапетров смета дека „јавноста веќе се измори од игрите на СДСМ и ДУИ и секојдневното подгревање на тензиите околу состојбата со крстот на Попова Шапка“.

-Одлуката за уривање на крстот не е одлука на БЕСА и ВМРО, туку одлука на Општинскиот инспекторат, кој постапи по барање на коалиционен парнер на СДСМ, ДУИ. Јавноста добро памети дека нивниот парнер ДУИ уште дента кога се постави крстот реагираше како да се случило нешто најстрашно, информира тој.

Доколку убаво го слушале раководителот на Инспекторатот, истакнува Карапетров, кој рече дека решението ќе се спроведе кога ќе дојде на ред, односно после 5000 други нелегални објекти, меѓу кои и џамијата на Попова Шапка, ќе знаат дека такво нешто нема да се случи.

-Господата од СДСМ се многу бучни за крстот, но никаде ги немаше кога се градеше џамијата, токму во време кога тие бие лонче и капаче во тетовската локална власт заедно со ДУИ. Крајот им се гледа, но апелираме нервозата да си ја задржат барем во овие празнични денови, кога јавноста сака мир, сплотеност и убави мигови со своите блиски, укажува советникот.

Тетовско-гостиварска епархија денеска информираше дека добиле решение од Општина Тетово за отстранување на поставениот крст на црковниот имот на Попова Шапка. Најавија дека ќе биде поднесена жалба.

-МПЦ ОА Тетовско-гостиварска епархија, своите права во насока на разрешување на даденото прашање ќе ги штити преку достапните правни механизми. Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на зачестените провокации и да бидат посветени на мирот и добрите меѓурелигиски односи, соопшти Тетовско-гостиварската епархија.

На црковно место најприродно е да има крст, порачаа претходно од Црковниот одбор на манастирскиот комплекс на Попова Шапка, по низата реакции на политичките партии. Крстот како што посочуваат оттаму е подигнат по барање на верниците и според Законот за градење не е објект туку урбана опрема, за која не треба дозвола за градба туку решение за поставување чија законска рамка ниту верските објекти ниту државните институции не ја почитуваат.

Крстот на Попова Шапка беше поставен на 16 ноември на земјиште сопственост на МПЦ-ОА и храмот Свети Наум Охридски Чудотворец. На 18 ноември градоначалникот Касами изјави дека согласно нов урбанистички план може да се легализираат верските објекти.

Н.П.

Слични содржини