На која возраст е најдобро да се роди дете?

од Stefanija Kuzmanovska

Често се води дебата за најдобрата возраст за жената да роди дете. Унгарските научници го кажаа своето мислење по спроведена студија.

Студијата за повеќе од 31.000 породувања покажа дека децата на жени кои родиле на возраст од 23 до 32 години имаат најмал ризик од вродени маани.

Тинејџерките и жените во раните дваесетти години почесто раѓале деца со попречувања во централниот нервен систем, кои влијаат на развојот на мозокот и ‘рбетот, додека бременостите на жените во зрели години најчесто се поврзуваат со деформитети на главата, вратот, очите и ушите.

Научниците од Универзитетот Семелвајс во Унгарија анализирале податоци за 31.128 бремености со потврдени нехромозомски дефекти, забележани во официјалната унгарска база на податоци помеѓу 1980 и 2009 година. Тие ги споредија тие податоци со повеќе од 2,8 милиони раѓања во земјата во истиот 30-годишен период.

Севкупно, ризикот од вродени маани се зголемил за околу една петтина кај жените помлади од 22 години во споредба со оние во идеалниот опсег на возраст од 23 до 32 години. Исто така, ризикот од вродени мани кај жените постари од 32 години бил за 15 отсто поголем.

Наодите се однесуваат на нехромозомски и негенетски вродени маани кои не се под влијание на гените на мајката. Негенетските, нехромозомски причини за вродени мани вклучуваат консумирање алкохол и тутун за време на бременоста, присуство на одредени медицински состојби и употреба на одредени лекови за време на бременоста.

„Можеме само да шпекулираме зошто нехромозомските аномалии при раѓање имаат поголема веројатност да се развијат кај одредени возрасни групи. За младите мајки, тоа главно може да бидат фактори на животниот стил како што се пушењето цигари, употребата на дрога или алкохол, како и фактот дека тие често не се подготвени за бременост. Кај мајките на поодмината возраст, акумулацијата на влијанија како изложеност на хемикалии и загадување на воздухот, влошување на механизмите за поправка на ДНК, стареење на јајце клетките и ендометриумот може исто така да играат значајна улога“, вели д-р Богларка Пето, доцент на Универзитетот Семелвајс и автор на студијата.

Извештајот бил објавен во BJOG: International Journal of Obstetrics & Gynaecology.

Слични содржини