Пендаровски наместо да го земе микрофонот и да го укори неговиот поддржувач и да се извини и на присутните и на гледачите, тој ги слушаше навредите кон Силјановска, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение.
Партијата забележува на, како што вели, сексистичките коментари упатени кон кандидатката за претседателка, Гордана Силјановска-Давкова.
-Ваквиот сексистички и мизогин однос на активистите на Пендаровски и СДС кон Силјановска е директно поттикнат од Пендаровски, кој со својот примитивен балкански мачоизам веќе две недели ја навредува Силјановска. Говорот на омраза и навредите кои ги почна Пендаровски сега го следат и неговите поддржувачи, порачуваат меѓу другото од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека „на Македонија не ѝ требаат луѓе за претседател кои покажуваат сила врз жени“.
Во текот на вчерашниот ден, граѓанин на микрофон пред присутните на митинг во Куманово, искажал навреди кон Силјановска Давкова кои се однесуваат на нејзината возраст.
-Од баба небеса не бива. Ако сакате да имате држава и претседател, ова е човекот, изјавил еден од присутните граѓани на митингот за поддршка на претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска која е дел од изборниот штаб на Пендаровски, го осуди недоличниот речник.
-По повод коментарот на еден од присутните на митингот на кандидатите на претседател во Куманово, сакам да бидам транспарентна и искрена кон целата јавност. Пред сѐ, поради масовноста на митингот за жал не успеав целосно да го слушнам коментарот на еден од учесниците и да го спречам. Тие кои ме познаваат и како поддржувачи на партијата на којашто сум гласноговорник, но и од сите други политички партии, знаат дека остро ги осудувам коментарите кои се навредливи за жена и знаат дека сум гласна во борбата против говор на омраза кон жените. Така е и во овој случај, истакна Кузеска, додавајќи дека ниту таа, ниту претседателот Пендаровски не го поддржуваат таквиот коментар.