Ставањето на градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко на црната листа на САД, потврдува дека на нашиот истражен и правосуден систем му треба генерален ремонт, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Во одговор на новинарско прашање, Ковачевски денеска од Виница упати критики до домашните истражни и правосудни органи што досега не успеале да дојдат до информации за струшкиот градоначалник.
– Наводите што се наведени за ставење на црната листа на градоначалникот на Струга, се сериозни. Се работи за неколку основи. Нашите истражните и правосудни органи треба да ги испитаат наводите што се наведени во соопштението од Стејт Департментот и да се запрашаат како САД дошле до такви информации на коишто ја базираат својата одлука, а се наоѓаат неколку илјади километри далеку од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци сите овие години, рече Ковачевски.
Според премиерот, овој случај уште еднаш потврдува колку е важно да продолжат европските инетграции на земјата кои меѓу другото значат и зголемување на нивото на правото на владеење и борбата против корупцијата.
– Сите оние кои се против овој процес, се против овие основи и овие придобивки, рече Ковачевски.
Во однос на мандатот на градоначалникот на Струга, Ковачевски рече дека одговор на ова прашање ќе мора да даде самиот градоначалник затоа што тој е избран функционер на непосредни избори, а до советниците во Општина Струга упати порака добро да размислат како ќе продолжат понатаму.
– Сите ќе треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму со оглед на наводите. Да не заборавиме – тој бил градоначалник во повеќе мандати и во тие мандати соработувал со сите советнички групи во Општината, рече Ковачевски.