Претседателите нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи денеска во кабинетот на претседателот на Македонија Стево Пендаровски ќе одржат лидерска средба. Единствена точка на дневниот ред на лидерската средба што ја свика шефот на државата е одложување на парламентарните избори.
Како што соопштија од кабинетот на претседателот, на лидерската средба е најавено присуство на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, и претседателот на ДПА, Мендух Тачи. На средбата ќе присуствуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Оливер Спасовски.
Вчера речиси сите лидери на овие партии изјавија дека се за одложување на изборите.