Во 12 часот во тетовскиот Основен суд треба да биде изречена пресудата за обвинетите во судскиот процес за пожарот во модуларната болница што се случи на 8 септември 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. На 29 мај беа искажани завршните зборови на Обвинителство и адвокатите на обвинетите со што заврши главната расправа и судот одлучи пресудата да ја соопшти на 5 јуни понеделник.
Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени, почна на 7 декември 2022 откако од септември 2022 до тогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван.
Поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се теретат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се терети за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.
Тие на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но дека не чувствуваат вина.