На Прилепско уметничко лето 22 уметници од земјава и странство

од Vlatko K
169 прегледи

На прилепското уметничко лето што го организира Центарот за современа ликовна уметност, учествуваат 22 уметници од земјава и од странство. Уметниците и скулпторите кои веќе работат дела во мермер учествуваат во петте работилници: 62.Интернационална сликарска колонија, 56. Интернационален скулпторски симпозиум „Мермер“, 48. Интернационално студио за пластика во дрво, 35. Интернационално ателје за скулптура во метал и Интернационалното студио за уметничка фотографија.

Радослав Симеонов од Софија, Бугарија, првпат е дел од уметничкото лето и работи во „Интернационалното студио за пластика во дрво“.

– Професор сум на Академијата за ликовни уметности во Софија и скулптор. Овде има уметници од повеќе земји, сликари, скулптори кои работат во метал. Јас работам во дрво, но има и такви кои работат во камен. На овој начин се создава  творечки момент помеѓу колегите, помеѓу различните култури. Работам апстрактна композиција висока три метри која не може да се види бидејќи се работи во посебна работилница каде што има услови. Се надевам дека до крајот на колонијата ќе биде готова и ќе биде изложена во галеријата, рече скулпторот Симеонов.

Посебен акцент годинава ќе биде ставен на 35 годишното опстојување на Интернационалното атеље за  скулптура во метал, што со работа започнало во 1984 година и трае до денес. Во Интернационалното атеље за скулптура во метал учествуваат: прилепски скулптор Марјан Стојаноски,  како и скулпторите Џорџе Арнаут и Драгољуб Здравковиќ од Белград, Србија.

– Ја прифатив поканата да присуствувам на овој симпозиум во метал, не ми е првпат да бидам дел од вакви настани и сакам да учествувам поради средбите со колегите од другите средини. Кога е металот во прашање се обидувам да изведам нешто што сум го правел и порано, но бидејќи нашиот престој и временски е ограничен се надевам дека ќе им се допадне на организаторите, истакна скулпторот Џорџе Арнаут од Белград.

Драгољуб Здравковиќ, скулптор од Белград, вели дека првпат учествува на колонијата и ова му е прва посета на Прилеп. Сака да стекне нови искуства и да воспостави соработка со колеги од странство.

Интернационалната сликарска колонија со дела ќе ја збогатат сликарите: Алех Клос од Канада, Мишел Банасик од Полска, Џош Санчез Руиз од Шпанија, Светлана Соло од Москва, Русија како и прилепските сликари  Наде Тоскоска, Драшко Михајлоски-Пижа, Лепа Милошеска, Марта Макеска,  Кристијан Јованоски, Александар Џинго, Павлина Илиеска, Васил Костов, Сања Јездиќ, Тони Трајкоски, Ферди Булут, Тања Дмитриоска и Славчо Поповски.

– Многу сум среќен што сум тука, јас сликам фигуративна уметност и ова е позитивно искуство за мене“, истакна Мишел Банасик од Полска.

Алех Клос од Канада вели дека интересно е тоа што има луѓе од различни места, кои додека работат во ист простор каде имаат можност за размена на искуства и мислења.

– Втора година сум присутен на колонијата и ова е добра прилика бидејќи има уметници од цел свет со што се отвора  можноста да погледнеме и други искуства и да ги примениме, рече Ферди Булут од Прилеп.

Во  симпозиумот во мермер годинава учествуваат Албулен Незири од Косово и Каролина Палмеро од Аргентина.

Учесниците-уметници на Прилепското уметничко лето, што ќе трае до 10 месецов, ги посети прилепскиот градоначалник Илија Јованоски кој им посака да се чувствуваат убаво при престојот во Прилеп и во држвава уверувајќи дека на секој чекор има инспирација за создавање на уметничките дела кои остануваат во ризницата на македонското културно богатство.

 Во текот на 62. годишното постоење ЦСЛУ-Прилеп преку овие работилници  создаде повеќе од 1 200 различни уметнички дела од уметници од повеќе од 50 држави од светот.