На првиот лет од Атина до Скопје

од desk2
150 прегледи

Македонци кои живеат и работат во грчката престолнина, Грци кои работат во Скопје, туристи или вкупно 38 патници, меѓу кои и македонската делегација предводена од заменикот претседателот на Владата, Бујар Османи, претставници на грчката команија „Aegean airlines“, како и дописничката на МИА од Атина, вчера за првпат по повеќе од 10 години летаа од Атина за Скопје, преку повторно воведениот директен лет меѓу двата главни града на соседните земји.


МИА беше единствениот медиум, и македонски и грчки, што вчера имаше новинар во летот од Атина за Скопје и ексклузивно ги пренесува атмосферата во авионот и позитивните реакции на патниците за конкретниот лет.
Почетокот на првиот лет свечено и симболично беше одбележан од „Aegean airlines“ во самиот авион. Пред полетувањето на патниците им беше понудено шампањско, а добија и сувенир за спомен од грчката компанија.

Најголемиот број од патниците во првиот лет беа оние кои од приватни или службени причини често се на релација Скопје-Атина. Речиси сите со нетрпение очекувале повторно воведување на линијата, бидејќи им го олеснува патувањето меѓу двете престолнини и значително го намалува времето потребно да се стигне до Атина или до Скопје. Досега од едниот до другиот главен град најчесто патувале авионски од Атина до Солун, а потоа со автомобил до Скопје и обратно.

Дел од оние кои работат во Атина, а се од Скопје, но и Атињаните кои работат кај нас, велат дека за нив лично подобро би било доколку во иднина грчката компанија ги промени деновите на летање и место во вторник и четврток, како што е сега, ги промени или воведе нови летови околу викенд.

Сепак, сите во разговорот за МИА, додека авионот е некаде помеѓу Атина и Скопје, потенцираат дека конкретниот лет, дополнително ќе придонесе за зближување на двете земји.

Меѓу патниците беше и главниот извршен директор на Окта, Јоанис Геруланос, кој за МИА вели дека било која активност што ги зближува двете земји и двата народи е добра.

-Работам во Скопје, во рафинеријата, во поранешната рафинерија. Големо задоволство е да имаме лет Атина – Скопје, за жал деновите не одговараат многу, требаше да бидат петок или понеделник, за нас кои работиме, вели Геруланос.
И адвокатот Ефтимис Навридис, кој има адвокатски канцеларии и во Скопје и во Атина, често патува од едната до другата престолнина.

-Многу ме интересираше конкретната линија, ја очекував и сакав да бидам патник на првото патување. Ние сме блиски како народи, но сега ќе се зближиме уште повеќе. – вели адвокатот.

Македонка која работи во Атина, потенцира дека две и пол години го чекала вчерашниот момент.
-Според договорот со команијата во која работам имам можност да си одам секои две недели , но си одев поретко затоа што е прилично напорно, бидејќи одев прво Атина-Солун, а потоа Солун – Скопје и ми требаа околу седум часа за да стигнам, објаснува Македонката.

Ана е исто така од Македонија, нејзиниот сопруг е од Атина и се континуирано на релација Скопје- Атина. Во авионот е заедно со нејзините две мали деца. Вели дека секој месец патуваат. Претходно, оделе со автомобил, но сега веќе ќе патуваат со авион.

Некои пак, конкретниот лет го искористија како трансфер од европски град до Скопје, преку Атина, други за да го посетат Скопје без да знаат дека станува збор за прв лет.

-Патувам во Европа, од Париз пристигнав во Атина, сега одам за Скопје, па во Охрид, а потоа кај еден пријател во Италија, вели турист од Кина.

-Одам за Скопје на одмор, имам пријатели таму, никогаш не сум бил и ова е добра можност. Ќе останам една недела и ќе се вратам следниот четврток, вели Панајотис, кој живее во Грција.

Тереза од Словачка и Василис од Грција се двајца пријатели кои патуваа за Скопје, но не ни знаеја дека станува збор за прв лет.

-Од Скопје ќе одам за Приштина. Случајно извадив билет, не знаев дека е прв лет, вели Василис, а и неговата пријателка не знаела дека е во првиот лет, билетот го резервирала додека била на Кипар и планирала од Атина да оди за Скопје.

Заменик претседателот на владата, Бујар Османи, кој ја предводеше македонската делегација во првиот лет од Атина до Скопје, во разговор со дописничката на МИА од Атина, кусо пред слетувањето во Скопје говореше за симболичната и практичната важност на авионското поврзување на двете земји.

-Има и симболично и суштинско значење повторното воспоставување на директна линија Атина- Скопје по 10 години прекин, вели Османи, ексклузивно за МИА, кусо откако претходно, во Атина, на првиот лет беше испратен од алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос и од заменикот МНР на Грција, Теренс Куик.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, летот трае час и 15 минути и е со авион „Dash Q400“ со капацитет од 78 места на „Olympic air“ подружницата на „Aegean airlines“.
Секој вторник од Атина ќе тргнува во 9 часот по локално време, а во 9.45 од Скопје по македонско време.
Во четврток, летот од грчката престолнина е во 18.40 часот по локално време, а од македонската во 19.25 часот.