На роденденот на ДУИ, Ахмети излезе со порака: „Бараме предвремени избори за спас на државата“

од Марта Пешевска
30 прегледи

ДУИ го прослави 23-годишниот јубилеј од своето основање, а лидерот на партијата, Али Ахмети, по тој повод побара одржување предвремени парламентарни избори во исто време со локалните избори. Според него, ова е неопходен чекор за обезбедување стабилност и напредок во земјата.

Ахмети истакна дека политичките партии што го сочинуваат Европскиот фронт се во тесна координација и дека ДУИ ќе настапи силно на локалните избори, со цел да управува со општините. Меѓутоа, тој подвлече дека е клучно во ист период да се организираат и предвремени парламентарни избори, кои, како што рече, ќе донесат долгорочна стабилност во државата.

Лидерот на ДУИ нагласи дека партијата во изминатите 18 изборни циклуси никогаш не изгубила и дека секогаш се борела за правата на Албанците и за почитување на европските стандарди.

Во својот говор, Ахмети се осврна и на критиките што партијата ги добива, посочувајќи дека ДУИ станала „опасна“ за своите опоненти поради својата професионалност и посветеност. Тој предложи да се спроведе ветинг и истрага за потеклото на имотот на сите политичари, вклучително и на себе, за да се исчисти јавниот простор од корупција и непотизам.

Ахмети ја обвини опозицијата за политички прогон и дискриминација, особено за притисоци врз градоначалниците од редовите на ДУИ со цел тие да се повлечат од политиката. Сепак, тој порача дека членовите на партијата нема да се предадат на уцени и закани.

На крајот, Ахмети упати критики кон коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ја обвини за систематско отстранување на Албанци од јавните институции. Тој повика на зголемена соработка и разбирање меѓу етничките заедници за да се обезбеди стабилност и развој на земјата.

Слични содржини