Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека на следните локални избори ќе се гласа со отпечаток од прст и дека има напредок во преговорите со опозицијата
-Како што викендов ме извести министерот за правда, има напредок во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, дури добив и драфт текст верзија што понатаму треба да продолжи со нашиот прв најголем коалициски – ДУИ, па после со албанската опозиција. Тие се фазите со што одат за да може на крајот па и да седнат сите. Очекувам, се надевам дека останува определбата да одиме со отпечаток од прст на наредните локални избори. Можеме да стигнеме. Рековме пари во Буџетот определуваме, рече Заев.
Тој рече дека министерството за внатрешни работи е подготвено да направи трансфер на базата на податоци и да си ја преземе обврската за менаџментот со оваа база.
-Прашањата што беа спорни на некој начин беа решени. Тоа беше прашањето што во случај, заради тоа што првпат се спроведува, во некое ридско-планинско село има гласачко место нема Интернет и не може со отпечаток. Имаше две спротивставени мислења. Едното беше да се овозможи токму на тие места, се надеваме дека ги нема, но ако ги има да имаме традиционално со прскање со спрејот, повторно со потписот – како што беше досега. Другото спротивставено гледање беше да се повтори гласањето таму или да се одложи за толку колку што има проблем. На крајот се прифати, заради тоа што е првпат само за овој пат да може на тие места се даде можност да се оди со традиционалниот досегашен начин, додаде Заев.