Заев: Граѓаните ни дадоа жолт картон, Мицкоски возврати: Заев доби и метла со која ништо не измете

од Берта Китинска

Добивме жолт картон од граѓаните, а дали ќе стане црвен зависи од тоа колку ќе го послушаме нивниот глас.

Вака претседателот на СДСМ го оцени изборниот резултат од првиот круг. Смета дека граѓаните упатиле јасна критика, опомена и казна, а тие  тој глас  го слушаат и веднаш ќе почнат да работат.

„Не сме сјајни, имаме слабости, но сме подобри од нашите противници“,рече Заев, посочувајќи дека за цело ова време додека се на власт прават промени, и на директорски места и во Владата, и во партијата.

„Пораката е примена. Слушнат е гласот, за нас тоа е казна, тоа е жолт картон и за нас и за нашето членство, да бидеме подобри во следниот период“,рече Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање дали може да посочи каде партијата направила кадровски грешки, Заев не спомена никого директно, но преку пример, ја посочи општината Кисела Вода, за која рече дека, иако бил направен голем проект за канализација, сепак, очигледно не биле слушнати проблемите на граѓаните.

„Граѓаните се незадоволни, дали од Филип, дали од Заев, но очигледно не се слушнати нивните проблеми“,рече Заев.

Понатаму тој спомена бројка од околу 35 000 гласачи нивни поддржувачи, кои или останале дома или ги поддржале независни листи и со тоа го казниле СДСМ.

„Ние ги изгубивме нивните гласови. До тие се обратив, кои не сакаат да се врати режим, да биде молк, да имаме кавги и дома и со соседите, сакаат интеграциии. До тие се обративме, а седејќи дома ќе го овозможат токму тоа против кое се бореле“,рече Заев.

Заев, исто така, рече дека иако направиле реформи, како што е зголемувањето на минималната и просечната плата, граѓаните очигледно сакаат повеќе, без разлика што во меѓувреме имаше референдум, уставни измени, пандемија, претседателски избори…

„Еден дел од политките ни се одразија и народот најде начин да го казни тоа. ЕУ ни вети за тоа што го направивме но не испорача. Можеби Бугарија е вината, но ЕУ требаше да најде начин да испорача. Не ѝ е лесно на ЕУ, но и нам не ни беше лесно, ни на граѓаните да ги донесеме тие одлуки на рефернедум“,рече Заев на прес- конференцијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски реагира на прес конференцијата на премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев кој денеска рече дека на локалните избори што се одржаа во неделата добиле опомена од граѓаните и дека ќе тоа ќе влијае врз промена на работата и на општинските институции и на владата.

„Зоран Заев само ја повторува истата прес конференција од лани кога исто така лажеше дека ја разбрал пораката, а продолжи да се однесува арогантно и криминално. Jа повтори и прес конференцијата од годината претходно кога истото го велеше, и повторно разочара. Зоран Заев доби и метла со која ништо не измете“, наведува Мицкоски.

Тој додава дека Заев не кажал ништо ново освен тоа што повторно зборувал за минатото, за некаков режим, за истите флоскули во кои, наведува никој не му верува.

„Сака да заборавите дека пет години е на власт и пробува повторно да го потцени народот. Кога зборува Заев за режим нека си погледне во сопствениот дом, во Куманово, притисоците за гласање во Прилеп, Велес, Сарај, Битола, за односот кон луѓето и нивните гласови како да се негова сопственост“, наведува Мицкоски.

Слични содржини