Двајца од претседателските кандидати се при крај со собирањето на потребните потписи. Според последниот пресек на Државната изборна комисија, кандидатката на Левица, професоркатата Билјана Ванковска собрала 9722 потписи, додека за градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски се потпишале 9265 граѓани.
Ваквата состојба е заклучно со 29 февруари до 20 часот.
Доколку успеат да ги добијат потребните потписи, Ванковска и Јакимовски ќе им се придружат на кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, на Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ и на Максим Димитриевски од Движењето За наша Македонија (ЗНАМ) кои успеаја да соберат 10 илјади потписи и да си обезбедат место во претседателската трка.
Во однос на останатите кандидати, граѓанската активистка Мерсиха Смаиловиќ има собрано 1160 потписи, докторот Вело Марковски 1196, а кандидатот Ѓорѓи Манасков 360 потписи. Ниеден граѓанин не се потпишал за Томе Николовски.
Постапката за собирање потписи започна на 23 февруари и ќе трае до 8 март. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Претседателските избори треба да се одржат на 24 април, а вториот круг на 8 мај заедно со парламентарните избори.