На жителите на САД ќе им поскапат доматите поради новите царинско-даночни политики на Трамп

Новата јавна давачка ќе ги зголеми цените во супермаркетите, оти увозниците како по правило, даночните и царинските товари ги префрлаат на нивните купувачи.

од desk2
16 прегледи

Претседателот на САД Доналд Трамп со месеци го возбудуваше и нервираше светот со своите најави за нови високи царини, а така беше и минатата седмица, кога испраќаше писма со новите царински стапки до голем број земји, што би стапиле на 1 август.

Во целата таа кармакаша, никој не забележа дека вчера во САД на сила стапи новиот данок на доматите увезени од Мексико. Тоа се случи само два дена откако Трамп ја повтори заканата за кревање на даноците за увоз на секакви стоки од Мексико, известува Quartz.

Со измените, се активира и антидампинг царинска стапка од 17% која ќе важи ако не се постигне посебен трговски договор за доматите со Мексико. Новата јавна давачка ќе ги зголеми цените во супермаркетите, оти увозниците како по правило, даночните и царинските товари ги префрлаат на нивните купувачи.

„Она што американските потрошувачи може да го очекуваат е дека просечната цена на доматите ќе се зголеми“, вели Џејкоб Џенсен, експерт за трговија од Американскиот акциски форум.

Тој смета дека цената ќе порасне за 8 центи по либра (грубо: 450 грама). Сега тоа количество домати одгледани на нива чини 1,70 долари.

Мексиканските домати сочинуваат 90% од вкупно увезените домати, а дури 61% од вкупната понуда во САД.

Некои опозиционери, како сенаторот Рубен Галего од Аризона, го нарекоа ова „данок на доматите“ за американските потрошувачи.

„Ова не е тешко за трговците – тешко е за работничките семејства. Данок на вашата трпеза“, напиша Галего на Х.

Мексиканската влада се обидуваше да го надмине новиот проблем, но досега тоа не вроди плод. Трамп се закани со нови царини од 30% на целокупниот увоз од Мексико. Останува да се види дали ќе се постигне спогодба одговарачка на двете страни.

Слични содржини