Набавката е за сите ресторани под надлежност на СОЗР, велат од Влада по обвинувањата за купување скап алкохол

од Nikola Popovski
451 прегледи

Се работи за склучени годишни рамковни договори кои се прават секоја година, велат од Владата за „Локално“ откако ВМРО-ДПМНЕ излезе со обвинувања дека на „Илинденска бр.2“ ќе потрошат скоро три милиони денари за скапи алкохолни пијалаци.

Како што истакнуваат од Владата, набавката се прави за сите ресторани кои се под надлежност на Службата за општи и заеднички работи на Владата.

-Се даваат услуги и на Претседателот на држава, претседателот на Собрание и на други државни институции, вклучително и за потребите за странски делегации, посочуваат од прес-службата на Владата и додаваат дека според договорот, сукцесивно се повлекува стоката зависно од потребите.

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на прес-конференција презентира документ од договорот, обвинувајќи за, како што вели, луксузирање на државен трошок од страна на функционерите на СДСМ и ДУИ.

-Ковачевски преку СОЗР купува скапи и луксузни пијалоци за 2.950.000 денари. Функционерите од СДС и ДУИ ќе имаат можност да пијат високо квалитетно вино, означено како Барик вино со контролирано потекло во пакување од 0.75 литри по цена од 2.293 денари. Додека народот преживува со 150 денари на ден, Ковачевски и неговите министри и директори ќе имаат можност да пијат виски од 1 литар, со минимум 42% алкохол кое чини 2.730 денари. А, кога ќе сакаат да пијат нешто поскапо, ќе пијат Бурбон виски во шише од 1 литар и со минимум 42% алкохол кое чини 3.413 денари. Додека болните од дијабет чекаат инсулин, функционерите од власта ќе се засладуваат со крем ликер набавен за 2.034 денари. Кога народот ќе купува поевтини тестенини, министрите и директорите на Ковачевски ќе наздравуваат со пенливо полуслатко бело вино од 1.331 денар, рече Митева објавувајќи го договорот.

Н.П.

Слични содржини