Повеќе од 13.400 луѓе се потпишаа на онлајн петицијата со која се бара повлекување на новите дресови на македонската фудбалска репрезентација.
Петицијата насловена „Македонија на ЕП во старите дресови!“ осамна на интернет откако Фудбалската федерација на Македонија синоќа ги претстави новите дресови за дебитантскиот настап на македонските фудбалери на ЕП 2020, предизвикувајќи поделени реакции во јавноста.
„Го имавме можеби најубавиот дрес која некоја фудбалска репрезентација го имала! Наместо, да играме со дресот кој носеше радости и победи, дресот за кој целиот фудбалски свет зборуваше колку е уникатен и убав, стручњаците во ФФМ решиле да направат нови дресови, кои воопшто не ја содржат препознатливата црвено-жолта боја и личат како дрес на Летонија. Срамота! Додека не е предоцна, повлечете ги овие дресови од употреба, вратете ги старите и претставете ја Македонија во најдобро светло!“, се вели во објаснувањето за онлајн -петицијата.