Пријавената инциденца изнесува 112,3 случаи на 100.000 жители и е над неделната граница за средна активност, покажуваат најновите податоци од Институт за јавно здравје.
Најголем број заболени се регистрирани кај лицата на возраст од 15 до 64 години (1.274 случаи), но највисока инциденца е забележана кај децата од 0 до 4 години 289,1 на 100.000 жители. Случаи се пријавени од 29 центри за јавно здравје, при што најмногу има во Скопје (556), Тетово (146), Охрид (142), Битола (139) и Куманово (137).
Во четири подрачја Дебар, Охрид, Свети Николе и Кавадарци е евидентирана многу висока активност на вирусот, додека во повеќе други региони се бележи висока или средна активност.
Во истиот период се пријавени и два смртни случаи асоцирани со грип, жена на 75 години од Скопје и маж на 69 години од Кавадарци. Кај двајцата е лабораториски потврден вирусот Influenza A, имале коморбидитети и не биле вакцинирани против сезонски грип.
Според вирусолошкиот надзор, во третата недела се анализирани 81 примерок, од кои 19 биле позитивни на грип, најчесто Influenza A(H3) и A(H1)pdm09. Дополнително, регистрирани се и случаи на респираторен синцицијален вирус (RSV), додека позитивни случаи на SARS-CoV-2 не се детектирани.
Кумулативно, од почетокот на сезоната 2025/2026 заклучно со третата недела, регистрирани се 8.209 случаи на грип и заболувања слични на грип, што е повеќе од двојно зголемување во однос на истиот период од минатата сезона. Вкупно се пријавени три смртни случаи асоцирани со грип во текот на сезоната
Од Институтот за јавно здравје апелираат на почитување на општите превентивни мерки и потсетуваат дека вакцинацијата останува најефикасна заштита. Заклучно со третата недела, во земјава се вакцинирани вкупно 79.078 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против сезонски грип.