Над 300 милиони евра должи државата кон македонското стопанство врз основа на неплатени фактури

од Vladimir Zorba

Според анализата на Сојузот на стопански комори над 300 милиони евра должи државата на приватните компании по основ на неплатени фактури на јавните претпријатија или државни институции.

Стопанството е погодено од оваа дупка на неплатени обврски бидејќи ја носи со себе тежината на кризата во којашто се наоѓа државата. „Не само што не може да си ги наплатат средствата, туку влегуваат во голема дупка со оглед на тоа што го плаќаат данокот на државата иако немаат наплатено фактури, а потоа државата во неможност да ги собере сите средства, повторно бара спас од стопанството каде врши дополнителен притисок што сега се наоѓа во поголема криза“, смета Благоја Грозданов од Сојузот на стопански комори искажан на емисијата Бизнис поенти на Алфа ТВ.

И од Стопанската комора ја потврдуваат истата ситуација. „Постои проблем на наплата на компаниите од субјекти од јавен сектор. Не се должи на една или две компании, туку тоа е една состојба којашто постои неколку години наназад, токму поради тоа како Комора сме реагирале со повеќе иницијативи. Бараме измена на член 218 од Законот за извршување што го кочи процесот на наплата. Имаме ситуации и кога добиени судски пресуди нема можност за извршување“, додава Елена Милевска Штрбевска од Стопанската комора.

Според коморите, општ впечаток е дека јавните претпријатија имаат големи трошоци со оглед дека не може да си ги подмират обврските и тоа е ситуација којашто никако не се поправа со години. „Не треба да се апстрахираат проблемите и да се сведат на минимум непотребните трошоци кои некогаш треба да се платат и исплатат. Законот за финансиска дисциплина не функционира со оглед на тоа што не е механизам за полесно наплаќање, туку е законот што треба да заплашува, а не што е закон за наплата“, вели Грозданов од Сојуз на стопански комори.

loading...

Слични содржини