СДСМ го штити стандардот на граѓаните. Со новите мерки и одлуки на Владата се намалуваат цените на над 500 прехранбени производи, порачаа утрово од владеачката партија откако вчера Владата донесе одлука со која ги намали цените на 25 категории производи во земјава.
Од партијата потенцираат дека основните прехранбени производи ќе се продаваат за 10 проценти пониска цена во однос на цената по која што се продавале на 1 август.
-Кај дел од производите кај кои од август до сега е забележано енормно покачување на цените може да има поевтинување и за 30 проценти, се додава во соопштението на СДСМ.
Владата ги намали цените на белиот ориз во пакување од 900 грама до 1 килограм, пченично брашно, бел и полубел леб 450 грама – цел и сечен на парчиња со исклучок на свеж леб печен во маркетот, бисквити, наполитанки со фил или без, тестенини од 500 грама, јунешко месо без коски, свинско месо без коски, мелено месо – свинско и јунешко, пилешки стек, чаен колбас, пилешка посебна салама, паштета од џигер или пилешка.
Исто така се намалуваат и цените на трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% во пакување од литар, јогурт од кравјо млеко со масленост од 2,8 до 3,2% во пакување од литар и литар и пол, кисело кравјо млеко, павлака со масленост од 12 до 20%, кравјо бело сирење и мешано сирење, кравји и мешан кашкавал.
Со одлуката на Владата за утврдување највисоки цени во трговијата се опфатени и јајцата од кокошка, свежото овошје и свеж зеленчук.
Доколку има потреба, рече вчера министерот за економија, Крешник Бектеши, ќе се продолжи времетраењето на мерките за ограничување на цените, а ќе се прошири и листата на производи што ќе се продаваат по „гарантирана цена“.
Бектеши тврди дека не сме единствената држава во светот која воведува вакви мерки за замрзнување на цените.