Пратеникот на Левица, Борислав Крмов треба да плати над 9000 евра за инцидентот во Собранието минатата недела, кога ги расфрла амандманите на неговата партија и ги оштети микрофонот и мониторот на пултот на претседателот на Собранието. Ова денеска го обелодени претседателот на Собранието, Талат Џафери.
-Има правни процедури за секое дејство. Штетата ќе се компензира од страна на чинителот на таа штета. Додека сме во Собранието ние сме во работен однос и важи законот за работни односи, рече денеска Џафери, додавајќи дека Крмов не може да се повика на пратеничкиот имунитет бидејќи тоа може да го направи само за искажан збор од говорница.
Во полициската пријава стои дека се работи за случај насилство. Увидот беше извршен од страна на МВР и се изврши проценка од страна на собраниска комисија, осигурителна компанија и Бирото за судски вештачења.
Пратеникот на Левица уште минатата недела порача дека ќе ја надомести штетата.
-Видов дека претседателот Џафери изјавил дека ќе ми ја пратат сметката. Слободно, тоа е најмалиот проблем, ќе ја платиме штетата, но штетата од процесот е неповратна, кажа Крмов.
Собранието во рамки на 131. седница со 83 гласа „за“ и двајца „против“ го донесe новиот Деловник за работа на Парламентот, што ќе се применува од наредниот собраниски мандат. Новиот Деловник е резултат на неколкугодишни разговори меѓу пратениците од овој и минатиот парламентарен состав во рамки на „Жан Моне“ процесот.
За новиот Деловник гласаа пратениците од владејачкото мнозинство предводено од СДСМ, пратениците на ДУИ, на ВМРО-ДПМНЕ, на АА и сите други, освен двајцата пратеници на Левица.