Швајцарскиот фармацевтски гигант „Рош“ претстави ветувачки резултати од клиничките испитувања на анти-ковид коктел, насочен кон борба против новите видови, кој го развива во соработка со американската биотехнолошка компанија „Регенерон“.
Резултатите од фазата три на клиничкото испитување покажаа дека комбинацијата на антитела казиривимаб и имдевимаб „ја намали хоспитализацијата или смртта за 70 отсто кај нехоспитализирани пациенти со ковид 19“, се вели во соопштението на швајцарската компанија.
Неколку фармацевтски компании развиваат третмани со антитела кои спречуваат вирусот да напредува во организмот, надевајќи се дека ќе најдат ефикасен третман кој ќе се користи, заедно со вакцините, за борба против новите соеви.
Од „Рош“ порачуваат дека третманот е единствената комбинација на моноклонални антитела која останува ефикасна кога ќе се соочи со главните соеви, од кои некои се позаразни и предизвикуваат посериозни болести.