Нафтата над 68 долари поради неизвесноста од разговорите меѓу Иран и САД

Цените на нафтата во петокот пораснаа над нивото од 68 долари за барел на светските пазари, откако инвеститорите негативно реагираа на неизвесниот исход од нуклеарните разговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, што повторно ги засили стравувањата за стабилноста на снабдувањето од Блискиот Исток.

од desk4
14 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Future Energy & Technology

Цените на нафтата во петокот пораснаа над нивото од 68 долари за барел на светските пазари, откако инвеститорите негативно реагираа на неизвесниот исход од нуклеарните разговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, што повторно ги засили стравувањата за стабилноста на снабдувањето од Блискиот Исток.

На лондонскиот пазар, цената на барелот попладнево се зголеми за 62 центи и достигна 68,17 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 53 центи, на 63,82 долари.

Одделните пресметки на ОПЕК покажуваат дека референтната кошничка на нафта на земјите-членки во четвртокот поскапела за 35 центи во однос на претходниот трговски ден и се искачила на 67 долари за барел.

Пазарите внимателно ги следеа подготовките за состанокот меѓу иранската делегација, предводена од министерот за надворешни работи Абас Аракчи, и американските преговарачи на чело со специјалниот претставник Стив Виткоф. Процесот беше проследен со несогласувања околу локацијата и опфатот на темите што треба да се разгледуваат.

Техеран претходно соопшти дека сака директни разговори со Вашингтон исклучиво за нуклеарната програма, и тоа во Оман, наместо во Истанбул, како што беше најавено од американска страна. Според иранските власти, целта била да се задржи континуитетот на претходните рунди и да се спречи проширување на агендата со прашања како иранските балистички ракети.

Разговорите сепак се одржаа во петокот со посредство на министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди. Тој оцени дека средбата помогнала да се разјаснат позициите на двете страни и да се идентификуваат области за можен напредок, додавајќи дека делегациите повторно ќе се состанат „кога ќе дојде вистинското време“.

Иранскиот министер Аракчи изјави дека разговорите претставуваат „добар почеток“ и дека ќе продолжат, нагласувајќи дека Техеран е подготвен да разговара само за нуклеарната програма. Тој повтори дека Иран очекува укинување на долгогодишните санкции на САД, кои ги следат и нивните западноевропски сојузници.

Сепак, сигналите дека преговорите би можеле да траат подолго од очекуваното ги вознемирија инвеститорите, кои се надеваа на брзо решение. На пазарите повторно се отворија стравувањата дека Иран би можел да го затвори Ормутскиот теснец, клучна поморска рута низ која секојдневно поминуваат околу 20 милиони барели нафта – во случај на евентуален американски напад, што Техеран претходно го оцени како чекор што би можел да предизвика поширок регионален конфликт.