„Свиркачите“ Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски ја примија награда „Мето Јовановски“, за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
-Пред точно 11 години ние решивме да го сториме тоа што сметавме дека е единствено исправно во дадените околности. Бевме сосема свесни за ризиците, а за награди и признанија ниту помисливме ниту ни беа битни. Но, денес сме горди што токму ние сме добитници на највисокото признание за остварување во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Горди што за се што лично поминавме не беше залудно и што со нашите активности помогнавме да се случат повеќе позитивни општествени промени. Сигурни сме дека во нашата татковина никогаш повеќе нема да се повтори масовно прекршување на правата на илјадници граѓани, истакна Лазаревски.
На доделувањето на наградата присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за култура Ирена Стефоска, пратеници, професории.
Лазаревски и Костовски своевремено вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање ги извадија „бомбите“ и му ги предадоа на ексдиректорот на УБК Зоран Верушевски.
Костовски се спогоди со Обвинителството и призна дека е виновен по што беше осуден на три години затвор. Лазаревски не призна вина и поради тоа остана 11 месеци во притвор. Костовски беше пуштен од затвор во април 2016 година, по аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Во 2018 година Лазаревски и Костовски ја добија наградата за слобода на говор за извонредна храброст и хероизам во алармирањето на граѓаните на Македонија за широкото распространето кршење на човековите права која ја доделува Коалицијата за заштита на укажувачи на ЈИЕ и од Европскиот центар за права на укажувачите.