Најава за разрешување на Пауновски, не одговарал ниту на телефонските повици на премиерот

од Nikola Popovski
328 прегледи

Откако премиерот Зоран Заев најави разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, инспектори и останати вработени во Инспекторатот  се мобилизираат, потпишуваат петиција за поддршка на Пауновски и бараат итна средба со Заев.

Колегите на директорот Пауновски, пак, бараат Владата да се повлече од идејата за разрешување на првиот човек на Инспекторатот, кој според нив, изминатиот период покажал капацитет за успешно раководење со институцијата.

„Условите кои ги обезбеди за вработените и за работењето на ДПИ во три години од неговиот мандат се услови коишто ќе ги користат вработените уште многу години во иднина. Од набавка на нови возила, комплетна реконструкција на речиси сите подрачни одделенија, како и зголемување на бројот на инспектори во однос на административен кадар. Квалитетот на работењето, како и реномето на Инспекторатот го издигна на многу повисоко и попрофесионално ниво, за што укажуваат и остварените резултати“, вели инспекторката Александра Котели во изјава за медиумите.

„Рамковно вработените се прераспоредени согласно плановите и Законот. Директорот на пазарниот инспекторат е поставен од Владата, но не можете да си дозволите вакви коментари, да ги понижувате надредените. Очекувам службите да отворат постапка за негово разрешување“, изјави премиерот Зоран Заев на новинарско прашање, коментирајќи ја полемиката со директорот на ДПИ, Стојко Пауновски.

Според него, неоправдано е секој ден да се води полемика со претседателот и потпретседателот на Владата.

„Тоа е пркост. Има хиерархија, и иако се работи за мој пријател, за Стојко Пауновски, принципите се воспоставени. Ова е доволна основа за негово разрешување“, рече Заев.

Во „одбрана“ на премиерот Заев застанаа вицепремиерите Љупчо Николовски и Артан Груби кои во заедничко соопштение информираат, меѓудругото, дека Пауновски не одговарал ниту на телефонските повици на Заев.

Пауновски вчера самиот го повика премиерот  да го разреши, бидејќи тој и натаму нема намера да ги вработи административците примени според Рамковниот договор што му ги распредели вицепремиерот Артан Груби. Тој  не  сака дел од упатените 35 административци да ги прими во својот инспекторат затоа што смета дека се неквалификувани за испразнетите места.

Слични содржини