На социјалната мрежа Фејсбук осамна настан кој повикува на протест на 28-ми мај против Фудбалската федерација на Македонија. Според фејсбук-страницата „Полн погодок“, која е во улога на организатор, се повикува на „првите фудбалски протести против заробената ФФМ“.
„Повик до цела Македонска фудбалска јавност до секој спортски работник, до секој човек без оглед на националност, повик до старо и Младо… Доста беше, политиката, уцените, поделбите, самоизбирањето, го окупираа фудбалот последната деценија. Секој оној кој сака подобар фудбал, подобро фудбалско владеење е добродојден. Мирен протест легитимно право на секој граѓанин. Да бидеме посилни од секоја провокација, да бидеме посилни од секој кој ќе сака да не се случи првиот фудбалски протест против политичкото владеење и окупацијата на ФФМ. Драги луѓе, спортисти, фудбалери, спортски работници да покажеме дека имаме спортска култура со најмоќното оружје зборот, и со најмоќното легитимно право на секој човек гласно на улица да изрази незадоволство и да каже стоп за она што го видовме последните ДЕЦЕНИЈА и нешто повеќе“, стои во описот на евентот.
Според напишаното, тие „знаат како се избираше Илчо Ѓорѓиевски, знаат како се избираше Сејдини и знаат дека уцените не се фудбалски сегмент“.
„Повик до секоја јавна институција, повик до секоја спортска институција да прекинат со наведната глава и кренати раменици да си ги завршат сите фудбалски работи кои се кријат во фиока. Повик до финнсова полиција. Повик до сите кои сакаат да направат добар чекор за неполитиџација на ФФМ. Секој кој сака да дојде ќе дојде, без оглед каде работи и за која политичка партија, фудбалот треба да е над секоја институција и политичка партија. Собир 17:00 Хотел Русија. Се собираме до 17:30 и тргнуваме кон ФФМ, таму ќе ја испратиме нашата спортска, фудбалска порака за промена на ваквиот начин на САМОИЗБИРАЊЕ“, се вели во објавата на настанот, додавајќи дека за ова ќе бидат известени и ФИФА и УЕФА.
Во последно време се погласни се реакциите против работата и функционирањето на ФФМ. Премиерот Зоран Заев пред неколку дена исто така говореше за фудбалската институција, отворено зборувајќи против првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија, Мухамед Сејдини. Според него, сите федерации го почитуваат законот за спорт, освен Фудбалската федерација на нашата држава.
„ФФМ е заробена како што ни беше државата заробена на нетранспарентен и строго контролирачки начин преку огромните милиони со кои што располага ФФМ буквално се менаџираат и купуваат делегати мислам дека не е слободно, зошто?. Сите федерации во државата го почитуваат законот за спорт само ФФМ не го почитува. Во законот за спорт кажува дека делегати во Собранието даваат прво членките на таа федерација, клубовите, не може Шкендија да нема делегат, не може Беласица да нема делегат или Пандев да нема делегати или не знам Шкупи“, изјави Заев.