„Мислам дека во однос на проблемот меѓу Бугарија и Македонија на потег е ЕУ. И никој друг. Тие примија во заедницата држава која не ги исполнува минималните стандарди на ЕУ (од многу политички и прагматични причини)“, смета професорката и активистка Мирјана Најчевска.
Според неа, ЕУ дозволи „таа држава да продолжи да не ги почитува правилата на игра на ЕУ па дури и да не ги спорведува одлуките на ЕСЧП“.
„Тие треба да воспостават ред во сопствените рамки. Тоа не е и не може да биде задача на Македонија“, напиша професорката на социјалните мрежи.
Премиерот Зоран Заев вчера порача дека очекува во техничката Влада на Бугарија да се најдат одговорни политичари со кои ќе можеме да седнеме и да изнајадеме решение.
„Проблемот е нерационален и мора да најдеме решение. Во интерес и на Бугарија е Македонија да биде членка на Европската Унија и да се интегрира во меѓународните организации. Тоа е во интерес и на бугарскиот народ, не само на македонскиот. И од тој апсект верувам дека ќе го изнајдеме решението“, нагласи Заев.
Тој сепак потенцира дека ЕУ не ни треба „по цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, затоа што тогаш ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот”.