Најчевска: Во ситуација кога и локалната и централната власт морале да знаат за прекршувањата во Кочани, тие стануваат соучесници во убиството – очекувам граѓаните така да ги третираат

Oва е онаа последна капка во преполната чаша која на граѓаните треба да им покаже дека во изминатите 30 години сме немале функционална и одговорна власт, вели Најчевска за Локално

од Nikola Popovski
5,K прегледи

Ова е неверојатна трагедија. Страшен е бесмисолот на изгубените млади животи. А најстрашно е тоа што можело да се спречи. Пожари се случуваат и несоодветна употреба на пиротехнички средства и немарност на организаторите. Она што не смее да се случи е непочитувањето на елементарни правила, процедури и критериуми кои веќе постојат во законските и подзаконските акти, вели во разговор за „Локално“, професорката и граѓански активист, Мирјана Најчевска за трагедијата во Кочани која доведе до загуба на 59 животи.

Најчевска нагласува дека затоа постојат правилата, процедурите и критериумите – не за да им го отежнат животот на луѓето и да ги малтретираат туку да спречат ваков вид трагедии.

-Затоа постојат државните институции и контролните механизми и правосудниот систем. За да не дозволат поголемите и помали бизнисмени да ги заобиколуваат дадените правила, процедури и критериуми. Она што граѓаните треба да го прават постојано е токму тоа, да бараат од државните институции, контролните механизми и правосудниот систем да присилат на почитување на правилата, процедурите и критериумите.

Во ситуација кога и локалните власти и централната власт имале можност да реагираат, кога морале да знаат за прекршувањата и непочитувањето на правилата, процедурите и критериумите, тие стануваат соучесници во убиството. Ни помалку ни повеќе. И очекувам граѓаните така да ги третираат-како соучесници во убиство, оценува професорката и посочува дека сите кои можеле, требале и морале да знаат за прекршувањата од моментот на давање на првата лиценца во 2012 година се до денес. Од најнискиот службеник кој ставил потпис, од инспекторот кој не си ја завршил работата се до градоначалниците, министрите и премиерите кои се менувале во власта за целиот овој период.

-Според мене ова е онаа последна капка во преполната чаша која на граѓаните треба да им покаже дека во изминатите 30 години сме немале функционална и одговорна власт. Дека е време да застанеме и да се вратиме два чекори назад. Да формираме технократска власт која ќе ги постави основите на институциите кои можат да работат врз основа на пропишани критеруми, правила и процедури. Не е доволна оставка. Не се доволни ни оставки. Системот е трул и нефункционален. Треба нешто многу од корен да се промени за да се искорени корупцијата и клиентелизмот и неказнивоста кои одново и одново резултираат во смртоносни последици, истакнува професорката.

Најчевска заклучува дека ова што се случи во Кочани е многу очигледно и сурово трагично.

-И боли заради тоа што можело многу лесно да биде спречено. Меѓутоа луѓето во Македонија умираат секој ден заради загадување, лошо здравство, сиромаштија, сообраќаен хаос…Не, не се доволни оставки, потенцира соговорничката.

Четиринаесет осомничени за големата трагедија во Кочани, меѓу нив и екс-министерот Крешник Бектеши, кој од Скопје вчера беше пренесен во кочанското Обвинителството. Претходно исказ даде и градоначалникот Љупчо Папазов, кој си поднесе оставка. Во предистрагата се вклучени девет обвинители, се чешлаат мобилни телефони и документација во Министерството за економија.

Прскалките, кои требало да го надополнат сценскиот настап на музичкото дуо, а беа фатални за 59 наши сограѓани, во дискотеката ги внел член на бендот, кој загина во инцидентот. Ова го потврди министерот Панче Тошковски, кој рече дека информацијата ја дал припадник на групата. Пиротехниката се користела незаконски. Ќе се проверува колку парчиња се запалиле кобната вечер и дали за овој пиротехнички спектакл е потребна дозвола. „ДНК“ немале договор со дискотеката за настап, а салата била небезбедна за одржување настапи од ваков тип.

Трагедијата во Кочани претставува масовно убиство – тука нема милост, дециден премиерот Христијан Мицкоски. Во пожарот во Кочани загинаа 59 лица, а над 150 се повредени. Најголем дел од повредените се на скопските клиники, а преостанатите сè уште се пренесуваат во странски земји. Над 10 држави несебично понудија помош, освен лекување во земјава има и странски доктори кои им помагаат на македонските колеги.

Н.П.

Слични содржини