Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се обрати на свечената промоција на дипломираните студенти на првиот циклус студии на Факултетот за безбедност – Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски” и упати честитки до сите дипломирани студенти, кои денеска и официјално го завршуваат делот од академскиот пат минат во оваа реномирана високообразовна институција.
-Нашите институции, веќе јасно и недвосмислено ја детектираат потребата од иновативниот, млад, перспективен потенцијал што егзистира во секој млад човек желен за самодокажување и напредок. Впрочем, овој став веќе неколку години наназад претставува и една од стратешките определби на МВР. И, ве уверувам дека нема да запреме со оваа политика во делот на кадровско и стручно надградување на МВР, туку сме решени тоа да стане составен дел од процесите на избор и професионална надградба на нашите вработени.Посакувам успех и на професорите на Факултетот за безбедност со очекување дека и во иднина оваа етаблирана високообразовна ќе продуцира кадри кои ќе бидат столбот на безбедноста во државата на кои сите ќе гледаат со професионална гордост, рече Спасовски.
Александар Стојановиќ, најдобриот студент на Факултетот за безбедност кој дипломира во академската 2020-2021 година со просек 9,93, во обраќањето пред присутните потенцира дека е чест и задоволство да се биде првенец на генерација на Факултет што образува и генерира кадри, кои треба да бидат штитот на државата.
Тој се наврати на минатото и појасни дека бил мотивиран од два моменти поради кои сега е тука – првиот е на првиот академски час кога им се обратиле тогашниот и актуелен министер за внатрешни работи Спасовски и актуелниот декан Никола Дујовски, кои, меѓу другото, им посочиле дека ќе имаат и потешкотии и убави и лоши моменти, но секогаш со главата горе мора да поминат низ сето тоа, за да се дојде до успехот.
– Уште еден момент што ме мотивираше да дадам се од себе и да бидам тоа што сум денес, е говорот на министерот Спасовски, кој кажа дека првите пет студенти дипломирани во секоја академска година, по автоматизам ќе добијат вработување во МВР, рече Стојановиќ и му порача на Спасовски дека се надева оти ќе остане доследен на неговите ветувања.