Најголема епидемија на морбили во САД во последните три децении

CDC продолжува да ја препорачува вакцината MMR како најдобра заштита од болеста, и покрај тоа што се вели дека решението за вакцинација е личен избор.

од desk2
11 прегледи

Во првата половина на годинава, бројот на потврдени случаи на морбили во САД достигна 1 288, што е највисока бројка од 1992 година досега. И покрај тоа што во последните месеци, порастот на бројот случаи на месечно ниво малку се намалил, сепак вкупната бројка ги надмина 1 274-те случаи во 2019 година. Голем дел од причините за овој тренд е опаѓањето на опфатеноста со вакцинација во САД и промената на политиките за имунизација под раководство на американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот.

Портпаролот на министерството за здравствена заштита на САД, Ендрју Никсон вели дека Центарот за контрола и спречување на болестите (CDC) продолжува да дава техничка помош, лабораториска поддршка и да испорачува вакцини по нарачка.

„Ризикот од заразување со морбили останува низок за генералната популација на САД“, рече Никсон, но сепак нагласи дека опасноста е многу поголема во заедници со ниско ниво на вакцинација, особено во подрачјата каде што веќе има жаришта или пак има тесни социјални и географски врски со такви подрачја.

Кенеди, пак, посочува на повисоката стапка на заразување и смрт во Европа како доказ дека реакцијата на САД е „модел за остатокот од светот“. Тој наложил на CDC подготовка на нови упатства за лекување на болеста.

CDC продолжува да ја препорачува вакцината MMR како најдобра заштита од болеста, и покрај тоа што се вели дека решението за вакцинација е личен избор.

Најголемо жариште на морбили сега има во Тексас, каде што има најмалку 750 случаи, а заразата се проширила и во соседната држава Ново Мексико и во Канзас. Поголемиот дел од заболените се невакцинирани, а избивањето на епидемијата се поврзува со една верска заедници што долги години покажува скептицизам кон вакцините.

Инаку, во сите држави на САД има барем по еден регистриран случај на морбили годинава.

Слични содржини