Полската полиција запленила повеќе од три тони кокаин скриени во буриња со замрзната каша од ананас, со улична вредност од околу 760 милиони долари.
Во таа прилика, тројца мажи биле уапсени.
Ова се случило во регионот на Померанија, а уапсените мажи се на возраст од 64 до 71 година, пренесува Ројтерс.
Кокаинот бил откриен во магацин на северот на пристанишниот град Гдиња и истиот бил пренесен со брод што дошол во тој град од Еквадор преку Хамбург.
Полскиот премиер Матеуш Моравиески изјавил дека кокаинот може да се подели во милион дози и дека може да го загрози животот на младите луѓе.
Нарко-картелите од Јужна Америка често испраќаат пратки кокаин во Европа, а епидемијата на коронавирус не ги спречувала да го сторат тоа.
Во декември во Полска од Колумбија биле запленети два тони кокаин, вредни стотици милиони долари, додека во неделата во Холандија се запленети околу два тони кокаин во вредност од околу 151 милиони евра во пратка банани, исто така од Еквадор.