Најголемиот страв на „Мариовска“: Само да не заврне

од desk2
218 прегледи

Еден куп камења вдолж целата улицата, купишта смет, ѓубре и кал, огромни кратери среде асфалтот, тротоари што ги препознавате само по логика, работници што треба да ги санираат дефектите и дополнително го усложнуваат и забавуваат движењето… Ваква е сликата што ја затекнавме вчераутро на улицата „Мариовска“ во скопската населба Кисела Вода, неколку часа по дождот што паѓаше во главниот град. Дури и помалку силен дожд предизвикува проблеми на патот кон Теферич, кој се реконструира во фази со години, а секоја вода се слева од врвот дури до крајот на улицата, пишува „Независен весник“.

„Најголем страв ни стана да нè заврне“, коментираат жителите.

Тие не можат да сфатат како е можно патот што ги поврзува Кисела Вода и Сопиште преку Теферич и кој значително го намалува движењето од едната кон другата населба, со години да не може да се заврши, небаре станува збор за автопат низ клисура, а не за три километри оддалеченост. Патот беше целосно руиниран до пред неколку години, потоа се приспособи колку-толку, но возачите научија дека по него е помалку фреквентно отколку преку Припор, па мораше да се направи целосна санација. Проблем беше и тоа што улицата под падините на Водно не беше воопшто заградена ниту осветлена, што беше потенцијална опасност во острите кривини да не се заврши во ендек./Независен весник