Премиерот Зоран Заев со неколкумина министри од кабинетот, во придружба на претставници на Ист Гејт Мол, го посетија најголемиот трговски центар во регионот, кој ќе се простира на површина од 160 илјади метри квадратни.
„Со „Скопје Ист Гејт“, главниот град го добива својот модерен лик и станува уште поатрактивно место за посета на домашните и странските посетители. „Ист Гејт“ на површина од 160.000 м2 носи реномирани трговски марки во Северна Македонија, околу 250 локални и меѓународни брендови. Очекувам да прерасне во модерен трговски центар од новата генерација кој ќе го претставува светот на едно место. Официјалното отворање го очекуваме оваа есен“, објави премиерот Заев на својот Фејсбук профил.
Економијата на Северна Македонија, според степенот на економски слободи, е најдобро рангирана во регионот и е на 46-то место во светот, пред Словенија, Србија, Косово, Хрватска и Босна и Херцеговина. За уште подобри економски резултати посветено работиме на реформа на судството и јавниот сектор, справување со корупцијата и креирање на поволен економски амбиент.
Владата како никогаш досега го поддржува стопанството. Заклучно со 5-ти март од бескаматната кредитна линија со грант компонента ,,Ковид 3”, која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, се исплатени 23,5 милиони евра за 2.053 корисници. Поточно, исплатени скоро 97% од корисниците на кои им се одобрени кредитните барања за оваа линија. Стопанството е поддржано и со низа други мерки. Донесени се 5 пакети економски мерки за задржување на ликвидноста и поддршка за сите сектори. Позитивен сигнал во услови на пандемија е и континуираниот раст на просечната плата, која за декември 2020 година изнесува 28.294 денари, поточно со солидна годишна стапка на раст од 5,4%“, изјави премиерот и додаде дека планот на Владата е јасно зацртан и заеднички со сите чинители во општеството, стратешки се работи на просперитетен и стабилен економски развој на среден и долг рок.