„Во изминатиот период имаше огромен наплив на пациенти во болниците. Интервениравме со ангажирање дополнителни одделенија, инсталирање кислород, екстра кадар по системот на ротација и успеавме добро да го одржиме здравствениот систем и за секој пациент да се обезбеди болнички кревет“, изјави денес министерот за здравство, Венко Филипче, од пред А1 арената „Борис Трајковски“, каде што од вчера започна масовната имунизација на населението.
Тој потенцира дека заострувањето на анти-ковид мерките токму во овој период, една седмица пред Рамазан е резултат на тоа што здравствениот систем е преоптоварен и на непочитувањето на мерките, што придонесе за зголемување на бројот на нови случаи на Ковид-19.
„Најкритична е состојбата во Битола, Кичево, Куманово и Тетово. Имајќи го предвид искуството од минатата година, кога ваквите празници, конкретно рамазанските пости и Велигден, во истиот период сериозно ја искомплицираа и ја усложнија епидемиолошката ситуација“, вели Филипче.
Тој изјави дека неколку приватни болници веќе прифатиле да „позајмат“ медицински персонал. Овие специјалисти ќе бидат ангажирани во „Козле“. Од Министерството за здравство смируваат дека има капацитет и слободни кревети за новозаразените пациенти.